Кони де Винтер потпиша за Милан за 20 милиони евра

Белгискиот дефанзивец Кони де Винтер (23) официјално е нов член на Милан, објави клубот. Според медиумите, трансферот изнесува 18 милиони евра плус два милиони бонуси.
Де Винтер потпиша договор до јуни 2030 година и доаѓа како замена за Малик Тијав кој замина во Њукасл Јунајтед за 40 милиони евра. Белгиецот ја започна кариерата во Лиерс и Варегем, а на 16 години се пресели во Јувентус.
Во Јувентус не успеа да се пробие и беше позајмуван во Емполи и Џенова, која подоцна го откупи неговиот договор. „Не можам да ги опишам своите емоции, не ми изгледа вистинито. Како сон е“, изјави Де Винтер за YouTube каналот на Милан.
Тој истакна дека е среќен што повторно ќе работи со тренерот Макс Алегри, кој му овозможи професионален деби во Јувентус. „Тој ми беше голема фигура и имам многу убави спомени од тоа време“, додаде Де Винтер.